Двојно мутираниот вид на коронавирусот од Индија под назнака Б.1.617 е потврден во Германија, Белгија и Велика Британија, поради што Индија е ставена на црвената листа.
Во исто време во Индија, бројот на заразени рекордно се зголеми, а пациентите буквално умираат пред вратите на болниците поради недостиг на кислород и болнички кревети, пишуваат светските медиуми.
Според последните информации, 346.789 новоинфицирани лица се потврдени во Индија а речиси 2.624 починале за само еден ден, што е рекорден број од почетокот на пандемијата на коронавирусот во оваа најнаселена земја во светот.
Бројни светски експерти предупредуваат дека и покрај алармантната бројка оваа земја сè уште не го достигнала врвот на вториот бран на пандемијата од Ковид-19, а тоа се очекува да се случи за три недели.
Во моментов, најалармантна е состојбата во главниот град Њу Делхи, каде пациентите умираат поради недостаток на кислород и кревети пред болниците, а една од здравствените установи во индискиот главен град формираше привремен крематориум на паркингот.
Болниците во Делхи предупредуваат дека се на работ на издржливост, а единиците за интензивна нега се преполни насекаде, а болниците веќе не се во можност да примаат пациенти.
Експертите стравуваат дека новиот вид на мутираниот вирус може да стане супермутант што ќе се шири како пожар низ целиот свет. СЗО е многу загрижена за моменталната состојба во Индија и бара комплексен одговор во секоја од сојузните држави. СЗО ја поздрави одлуката на индиската влада да го зголеми производството на вакцини и да ги ограничи контактите што е можно повеќе.