Во Италија од утре построги услови за влез на патници од ЕУ

пред 2 години

Италија најави дека од утре ќе ги заостри условите за влез на патниците од Европската Унија, со воведување задолжителен негативен тест за коронавирус за сите и петдневен карантин за невакцинираните.

Одлуката, потпишана синоќа од министерот за здравство Роберто Сперанза, предвидува задолжително да се презентира негативен тест за сите кои пристигнуваат од земјите на Европската Унија, изјави портпаролот.

Досега, граѓаните на ЕУ можеа да влезат во Италија со сертификат за вакцинација, потврда за прележан Ковид-19 или негативен тест. Но отсега невакцинираните по пристигнувањето ќе мора да поминат петдневен карантин, со негативен тест. Оние кои доаѓаат надвор од ЕУ мора да бидат ставени во карантин.

Овие нови мерки, кои ќе бидат на сила од 16 декември до 31 јануари, доаѓаат во време кога Европа се соочува со нов бран на вируси, обележан со брзото ширење на омикрон.

Според првичните студии, овој нов сој би можел да биде поотпорен на вакцини и позаразен од делта-сојот, кој моментално претставува најголем дел од случаите во светот. Италија, која плати висока цена со повеќе од 133.000 починати од почетокот на пандемијата, забележа повеќе од 20.000 нови случаи и 120 смртни случаи.

Share
Scroll to Top