Во Словенија 189 нови случаи на Ковид-19, Владата најави нови мерки

пред 4 години

Двапати повеќе заразени лица се регистрирани денеска во Словенија во однос на вчера, а поради зголемениот број хоспитализирани лица потребни се уште сто кревети во болниците, соопштија властите.

Во последните 24 часа се потврдени 189 нови случаи на коронавирус, за разлика од 74 во понеделникот. Уште тројца пациенти починаа, објави словенечката Влада.

Во Словенија, од почетокот на епидемијата се заразени 6.764 лица, а 159 од нив починале.

Поради големиот број на заболени и зголемениот број хоспитализирани лица, владата најави нови мерки и зголемување на капацитетот на болниците.

Меѓу разгледуваните мерки е ограничување на работата на рестораните и продавниците и намалување на бројот на луѓе на кои им е дозволено да се соберат на едно место на најмногу десет, без разлика дали се на приватен или јавен простор.

Докторката Бојана Беовиќ, која го предводи владиниот тим за справување со Ковид-19, рече дека во наредните денови ќе бидат потребни дополнителни 100 кревети за болните, а планот е да се прошират капацитетите на Клиниката за инфектологија во Љубљана.

Дополнителен проблем е што вирусот влезе во некои поголеми болници во последните неколку дена, вклучително и во болницата во Јесенице и клиничките центри во Љубљана и Марибор.

Share
Scroll to Top