Во Словенија 2.139 новозаразени и 38 починати

пред 3 години

Во Словенија, во последните 24 часа беа потврдени 2.139 нови инфекции со коронавирус од 7.003 тестови, а 38 пациенти починаа како последица од Ковид-19, објави словенечката влада.

Уделот на позитивни меѓу тестираните е зголемен на 30,54 проценти во споредба со претходниот ден, кога беше 26,42 проценти.

Бројот на дневно потврдени инфекции е шести најголем во еден ден регистриран од почетокот на епидемијата, но сепак е помал од пред една недела кога имаше 2.429 нови инфекции.

Во моментов во болниците има 1.304 ковид-пациенти, 47 повеќе од претходниот ден, а во одделенијата за интензивна нега 190 пациенти, 10 повеќе од ден претходно.

Со новиот биланс на починати во последните 24 часа, вкупниот број на смртни случаи од почетокот на епидемијата се искачи на 1.900.

Владиниот портпарол за Ковид-19, Јелко Кацин во средата рече дека ситуацијата е сериозна, но дека оптимистичка нота дава фактот што бројот на нови дневни инфекции се намалува на неделно ниво, како и фактот дека за вакцинација против Ковид-19, веднаш штом таа стане достапна, веќе се пријавени околу 17.000 луѓе.

Сепак, податоците од последните денови ја загрижуваат владата, која денес треба повторно да одлучи за тоа како да го ограничи вториот бран на епидемијата, во кој досега немаше очекувани успеси и покрај долгорочното заклучување.

Share
Scroll to Top