Слободан Милошевиќ е погребан во Пожаревац, под липа во дворот на својата семејна куќа, каде што и денес, на денот на неговата смрт, како и секоја година, се собираат негови поддржувачи.
На гробот дојде и Марија М. Милошевиќ, внука на Слободан Милошевиќ, која првпат се појави во јавноста. Таа е ќерка од вториот брак на синот на Милошевиќ, Марко, а е родена во Русија, пренесува „Данас.рс“.
Марија М. Милошевиќ во вторникот зборуваше и на собир во Белград, во Прес центарот на УНС, организиран од Меѓународниот комитет „Слободан Милошевиќ“, Српско-руското братство и организацијата Први покрет.
На настанот учествуваа Сергеј Бабурин, копретседател на Меѓународниот комитет „Слободан Милошевиќ“, Клаус Хартман, копретседател на комитетот (онлајн), академик Јелена Гускова и Владимир Соловјов, претседател на Сојузот на новинари на Русија.
Како што пренесоа медиумите, денеска на гробот во Пожаревац на Милошевиќ му оддадоа почит Војислав Шешељ, претседател на Српската радикална партија, и неговиот син Александар, поранешниот висок функционер на ЈУЛ Милован Боиќ, Синиша Вучиниќ, член на Главниот одбор на СНС и други.
На гробот на Милошевиќ денеска дојдоа и претставници на Социјалистичката партија на Србија.
Венци во име на СПС положија претседателот на Политичкиот совет на СПС Александар Растовиќ, претседателот на Социјалистичката младина Филип Букилиќ и членката на Претседателството на СПС Дијана Радовиќ.
Тие порачаа дека Милошевиќ бил „симбол на отпорот против глобалниот империјализам и дека станал негова прва жртва“.
Во соопштението на СПС се наведува дека Милошевиќ ќе остане запаметен „како државник кој по ниту една цена не сакал да прифати отстапки што би ги довеле во прашање државните и националните интереси и на крајот за таа борба го платил својот живот“.
По повод 20 години од смртта на Милошевиќ, во Пожаревац беше одржана дводневна комеморативна програма, која, како што пренесува порталот Урбан сити радио, ги собра неговите поранешни партиски соработници и бројни поддржувачи.
На собирот говореа Никола Шаиновиќ, поранешен потпретседател на Владата на СР Југославија, Марко Милошевиќ, внук на Милошевиќ и пратеник од СПС, како и претседателот на Градскиот одбор на СПС во Пожаревац, Среќко Босиќ. На фотографиите од настанот објавени на Инстаграм-профилот на социјалистите од Пожаревац се гледа дека присуствувал и Бранко Ружиќ, висок функционер на партијата.
Поранешниот претседател на Србија и на СР Југославија, Слободан Милошевиќ, почина на денешен ден пред 20 години во притворската единица на Хашкиот трибунал, каде што му се судеше за воени злосторства извршени во Хрватска, Босна и Херцеговина и на Косово.
Текстот Во Србија одбележани 20 години од смртта на Милошевиќ – неговата внука првпат се појави во јавноста е превземен од МАКФАКС.





