Во Србија расправа за задолжително вакцинирање на војниците

пред 3 години

Вoениот синдикат на Србија (ВСС) ги повика сите припадници на Српската војска (ВС) да се вакцинираат против коронавирусот односно сами да одлучат, но бара кривична и дисциплинска одговорност од началникот на Генералниот штаб поради наредбата за задолжителна вакцинација, која според ВСС е неуставна.

„Со изјавата дека наредбата за задолжителна вакцинација на припадниците на вооружените сили останува на сила, генералот Милан Мојсиловиќ покажа дека не ја почитува државата Србија и припадниците на армијата, но и институцијата Народен правобранител, поради што тој мора да биде повикан на кривична и дисциплинска одговорност“, се наведува во соопштението на Вoениот синдикат на Србија.

Синдикатот посочува дека наредбата не може да биде конечна затоа што е издадена спротивно на Уставот, меѓународните договори и законот, односно од таму тврдат дека никој не е должен да постапува по истата, но апелираат до сите членови да се вакцинираат. Од претседателот Александар Вучиќ, како врховен командант, се бара да ја повлече, како што се вели, неуставната и незаконска наредба за присилна вакцинација на вработените во вооружените сили и да ги заштити Уставот и основните човекови права на припадниците на српската армија.

Во меѓувреме, се дозна и дека полицискиот директор Владимир Ребиќ минатиот петок издал наредба за задолжителна вакцинација на полицајци и службеници во Министерството за внатрешни работи на Србија, а досега реагираше само претседателот на движењето Љубов-Вера-Надеж, Немања Шаровиќ, до неодамна член на Српската радикална партија. Шаровиќ посочи дека нема одлука за задолжителна имунизација на населението и врз таа основа, тоа не може да биде задолжително ниту за полицијата, бидејќи несомнено е незаконско и неуставно.

Србија започна масовна кампања за имунизација на 24 декември и досега искористи вкупно 4.269.018 дози, користејќи четири вакцини – „Фајзер“ / „Бионтек“, „Астразенека“, „Спутник в“ и „Синофарм“. Според Министерството за здравство, досега 1.881.908 граѓани ги добиле обете дози.

Share
Scroll to Top