Во Хрватска почнува вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“

пред 3 години

Во Хрватска започнува вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“, која ќе ја примаат и лица над 65 години.

Имунизацијата почнува со 25.200 дози вакцини, од кои повеќето се на „Астра зенека“, 16.800 дози, а остатокот е вакцината на „Модерна“.

Најпрво ќе се вакцинираат лицата над 65-годишна возраст, хронично болните, а по нив и сите други кои сакаат, веројатно на пролет.

Најголемите здруженија на пензионери побараа луѓето над 65 години да не се вакцинираат со вакцината „Астра зенека“, а истото го побара и партијата на пензионерите.

Тие предлагаат да се купи уште една вакцина што е на пазарот сѐ додека не се испитаат ефектите на вакцината на „Астра зенека“ врз луѓе постари од 55 години, чиј број е недоволно застапен во клиничките испитувања на вакцината за да се потврди нејзината безбедност.

Голем број европски земји објавија дека постарите лица нема да бидат вакцинирани со вакцината на британскиот производител на лекови „Астра зенека“, која е изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд. Меѓу овие земји се Франција, Германија, Италија, Шведска, Полска, Шпанија и Словенија.

Хрватска за разлика од многу земји има намера да ги вакцинира старите лица со неа.

Зборувајќи за оние кои решиле да не се вакцинираат со вакцината на „Астра зенека“, епидемиологот Ива Пем Новосел рече дека тие можат да чекаат, но дека мора да бидат предупредени дека веројатно ќе чекаат долго за друга вакцина со оглед на тоа што „Модерна“ и „Фајзер“ ги намалиле количините.

„Во следните недели, кој и да сака да се вакцинира, препорачуваме да се вакцинира со оваа вакцина, а оние што одлучиле поинаку, треба да почекаат“, рече таа.

Покрај прашањата за ефикасноста на вакцината на „Астра зенека“ кога станува збор за вакцинирање на стари лица, компанијата вчера објави дека нивната вакцина значително ја намалила ефикасноста против јужноафриканскиот вид.

Share
Scroll to Top