Во Швајцарија откриен прв случај на индискиот сој на коронавирус

пред 3 години

Во Швајцарија е откриен прв случај на индискиот сој на коронавирус, одговорен и за брзото ширење на пандемијата во Индија.

„Прв случај на индискиот вид на Ковид-19 е откриен во Швајцарија“, објави на Твитер швајцарската државна канцеларија за јавно здравје, со кратко образложение дека случајот е откриен кај патници кои транзитирале на еден од аеродромите во Швајцарија.

Веста дојде откако белгиските власти објавија дека во Белгија е откриен индиски сој меѓу 20 индиски студенти кои биле позитивни на овој вид на коронавирус. Беше објавено дека станува збор за група млади луѓе кои со авион пристигнале во Париз на 12 април.

Претходно, овој вид беше откриен во Велика Британија и Германија.

Индискиот здравствен систем жестоко се бори против новиот бран на заразени со коронавирус во земјата, што делумно се припишува и на новиот сој на двојно мутираниот вирус, познат како Б.1.617. Властите на голем број засегнати држави ги затворија вратите за влез на лица кои пристигнуваат од Индија и привремено ги прекинаа воздушните врски со таа држава.

Во моментов Швајцарија размислува да ја смести Индија како земја со висок ризик и да ја додаде на нејзината црвена листа, соопштија здравствените власти на земјата. Лицата кои пристигнуваат во Швајцарија од земјите на црвената листа мора да поминат десетдневен карантин по пристигнувањето.

Share
Scroll to Top