Во шума во Шведска човек пронашол древно богатство од бронзеното време

пред 4 години

Картограф кој истражувал шума на западот од Шведска за потребите на својот ориентационен клуб наишол на заборавено богатство од бронзеното време, за кое се верува дека е старо околу 2.500 години.

Богатството содржело околу 50 интересни предмети, како што се ѓердани, нараквици и токи за облека.

„Отпрвин мислев дека сум нашол некаква светилка, но кога погледнав внимателно, видов дека станува збор за стар накит“, иазјавил Томас Карлсон, а пренесува Би-би-си.

Шведските археолози велат дека таква ризница многу ретко се наоѓа во шума и дека античките племиња од тоа подрачје обично оставале такви церемонијални предмети покрај реки или мочуришта.

Предметите биле на шумското тло, покрај карпи. Шумата се наоѓа во близина на градот Алингсас, на околу 48 километри североисточно од Гетеборг. Експертите веруваат дека картографот го видел богатството затоа што пред извесно време веројатно го ископале диви животни во потрага по храна.

Кога ја мапирал областа, Карлсон забележал дека нешто сјае на земјата. Отпрвин помислил дека е светилка, а потоа кога подобро погледнал помислил дека се работи за копии затоа што предметите биле во добра состојба. Тој испратил фотографии на локален археолог кој потврдил дека станува збор за историски интересно откритие.

Процесот на датирање открил дека предметите потекнуваат од периодот помеѓу 750 и 500 година п.н.е. Археолозите веруваат дека биле принесени како понуда за бог или богови или пак дека се работи за ритуално положување на богатство за живот после смртта.

„Накитот е исклучително добро зачуван. Повеќето предмети можат да бидат поврзани со жена или жени со висок социјален статус”, изјавил археологот Јохан Линг од Универзитетот во Гетеборг.

Меѓу предметите е и еден вид стап за работа со коњи, каков експертите претходно пронашле во соседна Данска, но не и во Шведска.

Според шведскиот закон, секој што ќе најде историски предмети треба веднаш да ја извести полицијата или надлежните служби, затоа што овие предмети и припаѓаат на државата. Националниот комитет за наследство потоа одлучува дали и во колкава мера ќе го награди пронаоѓачот.

Карлсон рече дека наградата би била убав бонус, но дека за него тоа навистина не е важно.

Во Скандинавија, бронзеното време траело од околу 1700 до 500 година п.н.е., по што започнало железното време кое траело до 800 година од новата ера, кога започнало времето на Викинзите.

Share
Scroll to Top