Вухан: Тимот на СЗО се состана со кинеските научници

пред 3 години

Тимот на Светската здравствена организација, кој го истражува потеклото на Ковид-19, денес се состана со кинески научници. Тие исто така ја посетија и болницата во Вухан.

По истекувањето на двонеделниот карантин од пристгнувањето во Кина, тимот може да ја започне истрагата.

„Прва средба лице в лице со нашите колеги. Корекција, маска во маска, во согласност со епидемиолошките мерки”, напиша холандскиот виролог Марион Копман на „Твитер“.

Копман потврди дека експертите на СЗО се сретнале со Лианг Ванијан, кој е на чело на кинескиот епидемиолошки тим и изрази задоволство што состанокот бил во живо по долгите состаноци преку ЗООМ.

Членовите на тимот подоцна отидоа во болницата во Вухан, каде што, според официјалниот извештај на Кина, пред повеќе од една година биле третирани првите случаи на Ковид-19, болест која тогаш беше наречена „пневмонија од непознато потекло“, наведува агенцијата.

Тимот на СЗО треба да помине уште две недели во Кина и да го посети пазарот каде што наводно избувнало жариштето, а исто така ќе го посети и Институтот за вирологија во Вухан.

Share
Scroll to Top