Вучиќ и Путин ќе разговараат за цената на гасот, косовското прашање и состојбата со коронавирусот

пред 3 години

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Сочи ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а клучна тема на средбата ќе биде цената на гасот.

Путин и Вучиќ ќе разговараат и за „решавањето на косовското прашање, ситуацијата во регионот и светот, заедничките проекти и економската соработка“.

Во неделите пред неговото патување во Русија, Вучиќ често укажуваше на важноста на средбата со Путин, наведувајќи дека најважна тема на разговор ќе биде долгорочниот договор со Русија за испорака на гас за Србија.

Вучиќ постојано повторуваше дека ќе му порача на Путин, Србија да добие поволна цена за гасот, бидејќи од тоа ќе зависи економскиот развој на земјата.

Србија е речиси целосно зависна од рускиот гас, а договорот меѓу Србијагас и руски Газпром истекува на крајот на годината, во време на екстремно високи цени на тој енергенс.

Додека цената на 1.000 кубици гас на берзата надминува 1.000 долари, Србија за таа сума плаќа само 270 долари, според важечкиот договор.

Доколку Србија во иднина би плаќала 500 долари за 1.000 кубици гас, би имала директна загуба од 600 милиони евра годишно, изјави Вучиќ вчера во Белград.

Вучиќ синоќа по пристигнувањето во Сочи рече дека ќе биде сам во просторијата со Путин за да се сведе на минимум можноста за заразување со коронавирусот.

Кремљ вчера објави дека двајцата лидери ќе разговараат за повеќе теми, меѓу кои и изгледите за решавање на косовскиот проблем.

„Планирано е да се допрат важни прашања од руско-српското стратешко партнерство во политичката, трговската, економската, културната и хуманитарната сфера и да се разменат мислења за состојбите на Балканот, вклучително и изгледите за решавање на косовското прашање“, соопшти Кремљ.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно изјави дека Путин и Вучиќ ќе разговараат за меѓународните прашања, борбата против коронавирусот, соработката меѓу двете земји и цената на гасот за Србија. Тој изјави дека тоа ќе бидат „многу важни разговори со сојузник и пријател на Русија“.

Share
Scroll to Top