Вучиќ прогласи победа во првиот круг од претседателските избори, најави стабилна влада

пред 3 години

Претседателски кандидат на СНС, Александар Вучиќ, синоќа соопшти дека според податоците на неговата партија, од обработениот материјал освоил меѓу 59,9 и 60,1 отсто.
Тој пред новинарите во изборниот штаб изјави дека Здравко Понош освоил 17,7 отсто од гласовите, Милош Јовановиќ 5,9 отсто, а Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски 4,5 отсто.

За нијанса помалку Бошко Обрадовиќ освоил 4,4 отсто, Билјана Стојковиќ 3,15 отсто, Бранка Стаменковиќ 2 отсто и Миша Вачиќ 0,9 отсто.

„Освоив 59,9 до 60,1 отсто од гласовите“, рече Вучиќ и доби голем аплауз од сопартијците, бидејќи таков резултат значи победа во првиот круг.

Вучиќ кажа и дека бројот на неважечки ливчиња на претседателските избори бил нешто помал отколку на парламентарните.

„Горд сум на фактот што успеав да направам нешто што никому никогаш не му успеало во Србија“, рече Вучиќ, додавајќи дека Томислав Николиќ и Борис Тадиќ во првиот круг од претседателските избори имале околу 950.000 односно 850.000 гласови.

Тој рече дека е голема разлика и додаде:

„Тоа покажува и дека, она на што сум невообичаено горд, по Никола Пашиќ, веројатно ќе бидам Србинот кој најдолго е на власт во нашата земја“, изјави тој.

Вучиќ рече дека тоа не го кажува за да се пофали со тој факт, туку затоа што е горд на народот чија доверба му го овозможила тоа.

Тој им се заблагодари и на луѓето во Косово и во Република Српска и изјави дека повеќе од 90 отсто од гласовите добил од Србите од Косово, а речиси 90 отсто од гласовите од Српска.

Рече дека листата на СНС и Драган Ѓилас претрпела удари од оние кои биле на страна и кои од удобна позиција добивале бодови.

„Кога ќе стане јасно кој ќе ја формира владата, тогаш ќе биде јасно кој е победник или губитник“, нагласи Вучиќ.

Тој рече дека сака да продолжи модернизацијата на земјата, да продолжи да се грижи за привлекување странски директни инвестиции, за зачувување на мирот и стабилноста.

„Ќе се погрижам да формираме таква влада за Србија да продолжиме да се движиме во таа насока, а пред нас се бројни предизвици“, рече Вучиќ.

Смета дека за Србија најважно е да има добри односи во регионот и да го продолжи својот европски пат, но да не ги уништи добрите односи со традиционалните пријатели.

Вучиќ порача дека власта по никоја цена нема да им се додворува на гласачите, туку ќе работи сериозно и одговорно, па народот нека суди за делата.

Лидерот на СНС и кандидат за претседател на Србија, Александар Вучиќ вечерва изрази уверување дека Србија ќе има многу стабилна влада.

На прашањето дали резултатите од изборите значат дека Србија ќе добие стабилна влада, Вучиќ рече – „многу стабилна и цврста“.

Изрази надеж дека СНС сама ќе има до 126 пратеници, но тоа ќе се знае малку подоцна.

Претседателот на СНС изјави дека според податоците на таа партија, листата предводена од „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“ освоила 44 отсто од гласовите, што е околу 124-125 пратенички места.

Вучиќ истакна дека влијанието на украинската криза било огромно врз резултатите од изборите, а Србија драматично тргнала надесно.

Најави дека листата што ја предводи ќе води сметка при формирањето на владата и дека нема да соработува со оние кои неодговорно ја злоупотребиле ситуацијата.

„Србија ќе треба да одлучи како и на кој начин оди во иднина“, потенцира тој.

Share
Scroll to Top