Германија ги забрани пластичните кеси

пред 3 години

Германскиот парламент, Бундестагот, изгласа закон за забрана на пластични кеси на мало од 2022 година, со тоа што тенки пластични кеси за пакување овошје и зеленчук сепак да бидат дозволени.

Забраната се однесува на пластични кеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, кои се стандардни во малопродажбатата.

„Пластичната кеса е синоним за непотребно трошење на ресурси“, рече германската министерка за животна средина. Таа рече дека платнените вреќи, корпи и пластични кутии кои можат да се користат повеќепати се „добра алтернатива“ на пластичните кеси.

Еколошката организација WWF ја поздрави забраната за пластични кеси, но истовремено рече дека таа има „само симболична тежина“.

„Помалку од еден процент од потрошувачката на пластика во Германија отпаѓа на пластичните кеси“, се вели во соопштението на WWF.

Партијата на зелените исто така го поддржа законот во парламентот, но смета дека трендот на употреба на пакување за еднократна употреба не е запрен.

Опозициските партии Алтернатива за Германија и Либералдемократската партија гласаа против законот затоа што сметаат дека тоа е нефер мерка за германската малопродажба, без видлив ефект врз животната средина, образложувајќи дека тоа се однесува само на германската трговија, додека другите земји на ЕУ не се засегнати од тие законски мерки.

Пратеникот на АфД, Андреас Блек, посочи дека договорот меѓу малопродажбата и федералната влада за намалување на употребата на пластични кеси, постигнат пред две години, донел резултати и ја намалил употребата на кеси за две третини.

„Законот за забрана на пластични кеси е најбезсмислената еколошка забрана за овој изборен период“, рече Блек.

Во последните две години, огромното мнозинство од ланците на маркети целосно ги исфрлија од употреба пластичните кеси.

Share
Scroll to Top