Германија оцени дека неправилностите констатирани од меѓународните набљудувачи на парламентарните избори во Србија се „неприфатливи“ за земја која претендира да влезе во ЕУ, додека Вашингтон изрази желба за натамошна соработка за зајакнување на демократијата.
„Србија гласаше, но ОБСЕ пријави случаи на неовластено користење јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови“, соопшти германското МНР.
#Serbia has voted, but @osce_odihr reports misuse of public resources, voter intimidation and cases of vote buying. This is unacceptable for a country with EU candidate status.
— GermanForeignOffice (@GermanyDiplo) December 18, 2023
„Ова е неприфатливо за земја која има статус на кандидат за членство во ЕУ“.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) освои 46,3 отсто од гласовите на парламентарните избори, што ќе и обезбеди 128 мандати во 250-члениот парламент, според прелиминарните резултати врз основа на 99,8 отсто од преброените гласови.
Проевропската опозициска коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ со 23,6 отсто од гласовите ќе има 65 места во парламентот, а социјалистите на претходниот коалициски партнер на Вучиќ, Ивица Дачиќ со 6,6 отсто ќе имаат 18 мандати.
Меѓународните набљудувачи денеска оценија дека предвремените избори во Србија во неделата ги одбележа доминацијата на претседателот Александар Вучиќ во кампањата, што заедно со нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми и бројните нерегуларности придонесе за нерамномерни изборни услови.
Кремљ изрази задоволство од победата на партијата на Вучиќ на изборите во Србија, нарекувајќи ја земјата „пријателска“ и „братска“.
„Го поздравуваме успехот на Вучиќ“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Илјадници луѓе се собраа во понеделникот вечерта во центарот на Белград на протест за поддршка на опозицијата за да го разјаснат прашањето за вистинските резултати од изборите во српската престолнина, во чија регуларност се сомневаат, а двајца лидери на опозицијата одлучија да одат на штрајк со глад во борбата за „вистинската изборна волја на граѓаните“.
Текстот Германија за изборите во Србија: Ова е неприфатливо за земја која сака да влезе во ЕУ е превземен од МАКФАКС.