Германија не ја исклучува можноста за затворање на границата со Франција

пред 4 години

Германија не сака да го исклучи проширувањето на контролите на границата со Франција откако новата варијанта на коронавирусот почна брзо да се шири во источниот регион Мозел, иако Париз претходно повика да не се затвораат границите.

На прашањето за ситуацијата во Франција, портпаролот на канцеларката Ангела Меркел, Штефен Зајберт рече дека Берлин продолжува да ја следи ситуацијата и континуирано ги разгледува своите мерки за борба против пандемијата.

Тој додаде дека затворањето на границите не е нормално решение, но исто така истакна дека Германија е во ситуација каде што мора да стори сé за да спречи поагресивно ширење на поинтензивните мутации на вирусот во земјата, како што тоа се случило на други места.

Францускиот министер за европски прашања Клемент Боне претходно ја повика Германија да не ги затвора границите со Франција.

„Не сакаме Германија целосно да ги затвори границите“, рече Боне откако Берлин викендов реши да воведе строги контроли на границите со Австрија и Чешка.

Тој додаде дека затворањето на границите треба да се воведе во координација со Франција и дека тоа мора да вклучува далекусежни исклучоци, колку што е можно повеќе, за да се заштитат прекуграничните работници.

Германија вчера делумно ги затвори границите со Чешка и австриски Тирол поради брзото ширење на новите варијанти на вирусот и покрај осудите од Европската унија.

Share
Scroll to Top