Германија пред изборен предизвик: Можно е Меркел да се кандидира за претседателка, јавуваат медиумите

Германија пред изборен предизвик: Можно е Меркел да се кандидира за претседателка, јавуваат медиумите

пред 2 часа

Некогашната германска канцеларка Ангела Меркел би можела да се врати на политичката сцена како кандидатка за сојузна претседателка во 2027 година, пишуваат германските портали „Билд“ и „Фокус“. Според написите, оваа гласина предизвикала силни реакции во јавноста и вознемиреност во редовите на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Иако засега нема официјална потврда ниту од ЦДУ, ниту од други партии, шпекулациите добиле тежина бидејќи некои кругови – особено од редовите на Зелените и делумно од социјалдемократите (СПД) – ја гледаат Меркел како можно обединително лице во време на сѐ подлабоки политички поларизации.

Меркел е во пензија од 2021 година, но нејзиното политичко влијание и симболична тежина остануваат силни. Односите меѓу Меркел и актуелниот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) се одамна нарушени – Меркел го маргинализираше Мерц во почетокот на 2000-тите, а откако тој ја презеде партијата, ја помести десно од центристичките позиции по кои таа беше препознатлива.

Идејата Меркел да стане претседателка доаѓа во овој контекст – како можно балансирање на десниот курс на Мерц и сигнал за стабилност. Иако функцијата на сојузниот претседател е претежно церемонијална, таа има силно морално и политичко влијание.

Германскиот сојузен претседател не се избира директно од граѓаните, туку од специјално тело наречено Бундесферамлунг, составено од пратениците во Бундестагот и ист број претставници именувани од покраинските парламенти. За избор е потребно апсолутно мнозинство во првите два круга, а потоа доволно е и релативно мнозинство.

Меркел би можела да добие поддршка од опозициските Зелени и СПД, доколку тие решат да поддржат кандидат надвор од актуелната парламентарна коалиција. Од ЦДУ, пак, се размислува и за други имиња, меѓу кои се споменуваат Јулија Клекнер (претседателка на Бундестагот) и министерката за образование Карин Прин – блиски до Мерц.

Од мигрантската криза во 2015 година до справувањето со должничката криза во еврозоната, Меркел остави длабока трага во германската и европската политика. Нејзиниот центристички стил доби силна поддршка кај либералните кругови, но и предизвика реакции кои придонесоа за подемот на десничарската Алтернатива за Германија (АФД).

Иако се работи за шпекулација, можноста Ангела Меркел повторно да се појави на политичката сцена, дури и во симболична улога, покажува колку нејзиното влијание сè уште е присутно – и колку актуелните политички односи во Берлин и натаму се дефинираат преку нејзиното политичко наследство. Тековен сојузен претседател е социјалдемократот Франк-Валтер Штајнмаер, кој ја извршува функцијата од 2017 година.

Текстот Германија пред изборен предизвик: Можно е Меркел да се кандидира за претседателка, јавуваат медиумите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top