Германија пред политички предизвик: АфД расте, а заштитниот ѕид на традиционалните партии слабее

Германија пред политички предизвик: АфД расте, а заштитниот ѕид на традиционалните партии слабее

пред 2 часа

Политичката изолација на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) почнува да слабее, а предупредувањето на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека екстремизмот навлегува во парламентарниот систем е најнов показател за тоа, пишува „Ројтерс“.

Во германската покраина Саксонија-Анхалт, најмалку четворица пратеници од традиционалните партии, според резултатите од гласањето, најверојатно ги прекршиле партиските инструкции и го поддржале изборот на првиот претседател на покраински парламент од редовите на АфД.

Кандидатот на АфД, Тобијас Рауш, добил 48 гласа, четири повеќе од вкупниот број пратеници на АфД и левичарскиот Сојуз на Сара Вагенкнехт (БСВ). Бидејќи гласањето било тајно, сомнежите паднале врз 15 пратеници од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц, на кои им било наложено да бидат воздржани.

Заменик-претседателката на ЦДУ, Карин Приен, предупреди дека доколку се утврди оти пратеници од нејзината партија го поддржале кандидатот на АфД, „ќе мора да има последици“.

АфД, која повеќе од една година во националните анкети има поголема поддршка од ЦДУ, го оцени изборот како „политичка пресвртница“. Партијата, која се залага за ограничување на имиграцијата и обновување на енергетските врски со Русија, најавува дека нејзината цел е победа на сојузните избори во 2029 година.

„За првпат стана јасно дека таканаречениот ‘заштитен ѕид’ не мора да биде посилен од слободата на дејствување на пратениците“, изјави Мартин Рајхард, лидер на АфД во Саксонија-Анхалт.

Досегашната стратегија на германските традиционални партии, позната како „заштитен ѕид“, подразбира одбивање каква било политичка соработка со АфД. Таа досега го спречуваше влезот на партијата во коалициска влада.

Мерц и натаму категорично отфрла каков било договор со АфД, за која тврди дека има цел да ја уништи ЦДУ. Прашањето треба да се разгледува на состанок на партиското раководство в недела и понеделник. Во Саксонија-Анхалт, каде што на АфД ѝ недостигаат само три пратенички места за апсолутно мнозинство, сè уште не е јасно дали партијата ќе успее да формира влада. Нејзиниот претставник Улрих Зигмунд тврди дека може да убеди доволно пратеници од другите партии да го поддржат неговиот избор за покраински премиер до крајот на годината.

Германските безбедносни служби одредени ограноци на АфД, вклучително и оној во Саксонија-Анхалт, ги класифицираа како екстремистички. Сојузната служба за заштита на уставот (БфВ) минатата година изготвила доверлив извештај од 1.100 страници, во кој заклучила дека партијата поттикнува нетрпеливост кон мигрантите, расизам и исламофобија. АфД ги отфрла ваквите квалификации.

Според анализата на Ројтерс, подемот на АфД е поврзан и со економските проблеми, падот на животниот стандард, последиците од војната во Украина и незадоволството на граѓаните од традиционалните партии. Особено силна поддршка има во источниот дел на Германија.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер неодамна предупреди дека растечките политички поделби и чувството на несигурност ја поткопуваат довербата во демократскиот систем.

„Денес станува збор за опстанокот на демократијата. Мора да застанеме во одбрана на она што и понатаму е важно“, порача Штајнмаер

Текстот Германија пред политички предизвик: АфД расте, а заштитниот ѕид на традиционалните партии слабее е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top