Германија се подготвува во случај на војна, се опремува со сирени, кризни резерви и засолништа

пред 2 години

Германија почна да работи на зајакнување на јавните засолништа, како и изградба на резерви за криза во случај на војна, потврди сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извештај на весникот „Велт ам Зонтаг“.

Владата размислува за подобрување на системот за јавни засолништа и ќе ги зголеми трошоците за цивилна заштита, изјавила Фезер за германскиот весник.

„Во Германија моментално има 599 јавни засолништа. Ќе видиме дали можеме да подобриме повеќе такви системи. Во секој случај, нивното демонтирање е стопирано“, рекла Фезер.

Таа објаснила дека владата работи на нови концепти, подобрување на подземните паркинзи, станиците во метрото и подрумите за да станат потенцијални засолништа и дека на сојузните држави им дала 88 милиони евра за поставување сирени.

Министерката најавила и дека земјата ќе работи и на изградба на кризни резерви кои вклучуваат медицинска опрема, заштитна облека, маски или лекови.

Германскиот канцелар Олаф Шолц претходно вети дека ќе ги зголеми средствата за одбрана и ќе одвои 100 милијарди евра за армијата, пренесуваат агенциите.

Share
Scroll to Top