кспертите на ЕУ заклучија дека актуелните вакцини против коронавирусот се ефикасни против новиот вид откриен во Велика Британија, објави германската влада.
„Според сè што во моментов знаеме и по дискусијата од европски експерти, новиот вид не влијае врз дејството на вакцините и тие остануваат ефикасни“, рече германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
„Ова е многу добра вест“, додаде министерот чија земја во моментов претседава со Европската унија.
Тој зборуваше особено за ефективноста на вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“, која веќе се користи во неколку земји низ светот и за која наскоро се очекува одобрение и од Европската агенција за лекови.
Вечерва итно бил свикан состанок со експерти од земјите на ЕУ.
По новата мутација на вирусот откриена во Велика Британија, голем број европски земји реагираа со прекинување на летовите од таа земја. И официјален Лондон најави строги ограничувања на движењето во некои делови од земјата.
Според англиските експерти, новиот вид на коронавирус е 70 проценти попренослив од претходниот.
Неколку случаи се пријавени и во Данска (девет) и по еден во Холандија и Австралија, според Светската здравствена организација (СЗО).
Германија, земја претседавач со ЕУ, за понеделникот свика кризен состанок на експерти од различни земји за да го координира одговорот на новата закана.
Тоа е состанок на Европскиот механизам за кризи (IPCR) на кој ЕУ се обраќа во случаи на големи здравствени, еколошки и терористички закани.