Германската фармацевтска компанија „Мерк“: Нашиот лек ги намалува ризиците од ковид за 50 проценти

пред 3 години

Германската фармацевтска компанија „Мерк“ објави дека нејзиниот орален лек против ковид, молнупиравир, ги намалува шансите за хоспитализација или смрт за 50% кај пациенти кои се изложени на зголемен ризик од сериозни болести, покажаа прелиминарните клинички студии објавени денеска.

„Мерк“ и партнерската компанија „Риџбек Биотерапевтикс“ планираат да бараат одобрение за итна употреба во САД и ќе испратат апликации до здравствените регулаторни тела ширум светот, објави „Ројтерс“.

Поради позитивните резултати, третата фаза од клиничкото испитување беше прекината по препорака на независно супервизорско тело.

„ Ова ќе ја смени приказната за тоа како да се бориме против ковид-19“, рече Роберт Дејвис, извршен директор на „Мерк“, за „Ројтерс“.

Доколку добие дозвола, молнупиравирот, дизајниран да ги препознава грешките во генетскиот код на вирусот, ќе стане првиот антивирусен лек за ковид.

Прелиминарните анализи на 775 пациенти кои учествувале во студијата на „Мерк“ покажуваат дека 7,3 проценти од луѓето кои примале молнупиравир биле хоспитализирани или починале 29 дена по третманот, во споредба со 14,1 проценти од оние на кои им било дадено плацебо.

Според АП, по 30 дена од земањето на лекот, немало смртни случаи во групата која примала молнупиравир, додека имало осум смртни случаи во групата која примила плацебо лек.

За време на студијата, која беше спроведена низ целиот свет, молнупиравир се земаше на секои 12 часа, пет дена.

Во студијата биле вклучени пациенти кои имале блага или умерена форма на ковид и кои немале симптоми повеќе од пет дена. Сите пациенти имале зголемен ризик, без разлика дали се работи за дебелина или припаѓаат на постара група луѓе.

„Мерк“ соопшти дека со секвенционирање, се дошло до заклучок дека молнупиравир е ефикасен против сите соеви на коронавирусот, вклучувајќи го и доминантниот делта-сој.

Share
Scroll to Top