Германски медиуми: Вакцинирајте се и вие, канцеларкe Меркел

пред 4 години

Германските медиуми ги повикуваат политичарите да се вакцинираат против коронавирус, бидејќи воздржаноста е видлива кај Германците. Така, дневникот „Билд“ ја повика канцеларката Ангела Меркел да се вакцинира и со тоа да биде пример за другите, поттикнувајќи ја вакцинацијата, бидејќи, пред сè, постои недоверба во вакцините на „Астразенека“.

Весникот посочува дека досега се искористени само 11 проценти од испорачаните вакцини на „Астразенека“.

Во покраината Баден-Виртемберг 309 од 100.800 добиени дози биле дадени на граѓани, а ниту една не била искористена во Бранденбург.
Она што недостасува е довербата. Потребни се примери за вакцинација, особено канцеларката Меркел, подвлекува „Билд“.

Весникот потсетува дека Меркел најави дека ќе биде вакцинирана кога ќе и дојде редот и дека од нејзината канцеларија е соопштено дека таа сè уште не отстапува од таа изјава.

Заменик-шефот на парламентарниот клуб на Партијата на слободата на Германија (ФДП), Мајкл Тојрер, истакнува дека сигурно би било позитивен сигнал доколку Меркел и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер јавно се вакцинираат.

„Билд“ потсетува дека американскиот претседател Џозеф Бајден и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху се вакцинираа пред камерите и дека тие земји имаат далеку поголема стапка на вакцинација од Германија.

Share
Scroll to Top