Германски министер: Не ни се заканува недостиг од гас, поскапувањето набргу ќе се смири

пред 2 години

Германија не би требало да се соочи со недостиг на гас поради украинската криза, изјави денеска министерот за економија, Роберт Хабек.

„Германската влада презеде чекори за да избегне потешкотии во снабдувањето со гас“, изјави министерот за економија од редовите на Зелените.

Истовремено, тој предупреди дека поради нестабилната надворешнополитичка ситуација, во наредните денови енергенсите може повторно да поскапат, а цените се веќе на рекордно ниво.

„Тоа може и брзо да се смири бидејќи зимата полека е зад нас“, додаде Хабек.

Тој смета дека цените на гасот ќе останат високи, како што беше случајот пред ескалацијата во Украина, но заклучи дека тие цени се на ниво што е подносливо.

Министерот најави одредени мерки со кои ќе се растоварат потрошувачите.

„Кога станува збор за краткорочниот пораст на цените на енергенсите и оптоварувањето на приватните и деловните потрошувачи, планиравме одредено олеснување“, рече Хабек.

Така, од летово треба да се укине данокот во рамки на Законот за обновливи извори на енергија, кој во моментот е составен дел на цената на струјата.

Се планира и еднократна парична помош за социјално загрозените за субвенционирање на годишната сметка за енергија, која годинава се очекува да биде повисока од вообичаеното.

Како одговор на руското признавање на сепаратистичките области во Украина, германската влада во вторникот го прекина процесот за издавање дозволи за гасоводот „Северен тек 2“, кој требаше да транспортира дополнителен гас од Русија до Германија, која моментно 55 отсто од потребите за природен гас ги покрива со увоз од Русија.

Share
Scroll to Top