Главниот град на Индија се затвора поради коронавирусот, во болниците нема место

пред 4 години

Главниот град на Индија, Њу Делхи, се затвора на шест дена поради рекордно зголемување на заразени со коронавирус и пропаѓањето на здравствениот систем, пишуваат тамошните медиуми.

Индиските болници немаат кревети, кислород и основни лекови, а вкупниот број на заразени со Ковид-19 надмина 15 милиони лица. Само САД имаат повеќе заразени.

Во Делхи, град со повеќе од 20 милиони жители, има помалку од сто кревети за интензивна нега, рече во неделата главниот министер Арвинг Кејривал.

Главниот град на Индија се затвора во понеделник навечер на шест дена.

Индија во денеска потврди рекордни нови 273.810 заразени со коронавирус. Починаа 1619 лица, најмногу досега во текот на еден ден.

Критиките за одговорноста на владата на премиерот Нарендра Моди на вториот бран на пандемијата на коронавирусот во Индија се засилија откако илјадници луѓе ги посетија верските собири и изборните митинзи.

Политичките лидери, вклучително и министерот за внатрешни работи Амит Шах, треба да одржат нови митинзи во понеделник.

Лидерот на опозицискиот Конгрес Рахул Ганди, кој исто така организираше изборни митинзи во последните неколку недели, вчера објави дека ги прекинува сите свои јавни митинзи во Западен Бенгал, сојузна држава што е во центарот на изборите.

Хонг Конг во неделата вечерта објави дека азискиот финансиски центар ќе ги прекине летовите од Индија, Пакистан и Филипини од вторник за две недели поради страв од нова зараза.

Поради големото ширење на пандемијата, британскиот премиер Борис Џонсон утрово го одложи патувањето во оваа земја.

Share
Scroll to Top