Големи пожари во Шпанија, гори и во близина на Берлин, суша во Италија

пред 3 години

Повеќе пожари избувнаа во Шпанија, каде температурите и денеска се малку пониски по една недела екстремни горештини, во Германија пожар гори во близина на Берлин, а Италија е сериозно погодена од суша, јавуваат западните агенции.

var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);

Спасувачките служби и денеска продолжуваат да се борат со повеќе пожари долж Шпанија, додека топлотниот бран кој пристигна порано од вообичаено почнува да стивнува.

Најголемиот шумски пожар досега уништи повеќе од 25.000 хектари во планинскиот венец Сиера де ла Кулебра во регионот Кастилја и Леон, соопштија регионалните власти.

Температури над 40 степени

Пожарот што избувна во средата мораше да евакуира 14 села или стотици луѓе. Им беше дозволено да се вратат во недела поради поповолна ситуација, соопштија локалните власти. Неколку патишта се повторно отворени, како и железничката линија меѓу Мадрид и Галиција, која беше привремено затворена во саботата.

Во другите делови на земјата горат шумски пожари во Каталонија и Навара, регион каде температурите се исто така екстремно високи. Цела недела во Шпанија беа забележани температури над 40 степени Целзиусови, но во неделата паднаа во повеќето делови на земјата.

Пожар во близина на Берлин

Во Германија, пожарот што гори во шумска област југозападно од Берлин се прошири на југ, но пожарот станува се’ послаб, изјави во неделата наутро портпаролот на противпожарната бригада.

„Хеликоптерот ја измери областа. Зафатени се околу 100 до 110 хектари. Пожарот се прошири на југ/југоисток“, рече тој.

Загрижувачки се налетите на ветерот кои се предвидуваат за подоцна во текот на денот.

Суша во Италија

Се поголема суша ја погодува и Италија, а регионите на север бараат државата да прогласи вонредна состојба.

Министерот за земјоделство Стефано Патуанели викендов изјави дека прогласувањето вонредна состојба е неизбежно, пренесува италијанската новинска агенција Анса.

За ова прашање регионалните лидери ќе разговараат со владата на состанокот во Рим следната недела.

Во различни делови на Медитеранот не врнеше дожд околу четири месеци. Реката По има најнизок водостој во последните 70 години. Недостигот на вода може да влијае на послабите жетви во Пиемонт, Ломбардија.

На многу места, резервоарите за вода се празни, а цистерните се користат за транспорт на вода. Меѓутоа, на некои места, водата може да се користи само за пиење или за неопходни активности. Во некои делови од земјата, приносите се намалени за половина, според проценките на земјоделската индустрија.

Зафатена е и млечната индустрија, а поради необичните горештини и недостигот на сточна храна, кравите произведуваат и до 10 отсто помалку млеко.

Share
Scroll to Top