Еден пар од Калифорнија, САД, чија забава со огномет минатата година предизвика огромен пожар во кој загина пожарникар, е обвинет за убиство без умисла, пренесува „Њујорк пост“.
Рефхио Мануел Хименез Помладиот и Ангела Рене Хименез се изјаснија дека не се виновни за обвинението за убиство и уште 29 други точки поврзани со пожарот Ел Дорадо во септември 2020 година.
Шумскиот пожар, наводно, го предизвикала пиротехничката направа што парот ја користел на забавата, а која запалила сува трева во подножјето на планините Сан Бернардино, источно од ЛА. Двојката се обидела да го изгасне пожарот со флаширана вода, но силните ветрови и жешкото време го разгореле огнот.
Во пожарот Ел Дорадо, за чие ставање под конрола беа потребни повеќе од два месеца, загина Чарлс Мортон (39), водач на елитната меѓуагенциска противпожарна екипа „Биг бер“, а 13 други беа повредени. Пожарот уништи пет куќи и 15 други згради, доведе до евакуација на стотици лица и зафати површина од околу 36 квадратни милји.
Покрај обвинението за убиство без умисла, парот Хименез се соочува со три обвиненија за несовесно предизвикување пожар со сериозни телесни повреди, четири обвиненија за несовесно предизвикување пожар во населени објекти и 22 прекршочни обвиненија за несовесно предизвикување пожар на имот.
Според извештајот, парот се соочува со повеќе од 20 години затвор ако биде осуден по сите точки.