Делта сојот влијае на младите – нема колективен имунитет додека не се вакцинираат, велат германските имунолози

пред 3 години

Колективен имунитет на коронавирус веројатно нема да се постигне без вакцинирање на деца и адолесценти, објави германското здружение за имунологија (DGfI).

„Обично се смета дека колективен имунитет се постигнува кога 60-70% од населението е заштитено од патогени микроорганизми. Но, тоа претпоставува дека вирусот не може да се репродуцира кај овие лица“, изјави за медиумите потпретседателот на DGfI, Рајнхолд Форстер.

Форстер нагласи дека со вирусот Сарс-Ков-2 е поинаку: луѓето можат да го пренесат вирусот иако не се болни, па дури и ако се вакцинирани.

Делта варијантата на вирусот само ја влошува таквата ситуација, додава тој.

„Оваа варијанта е многу позаразна и силно ги погодува адолесцентите и децата“, објаснува Форстер. „Сè додека таа група воопшто не е вакцинирана или е малку вакцинирана, колективниот имунитет нема да се постигне“.

Според германскиот институт за контрола на болести Роберт Кох, најмалку 85 проценти од популацијата на возраст меѓу 12 и 59 години и 90 проценти од оние над 60 години мора да бидат вакцинирани за успешна борба против делта варијантата.

„Ако оваа стапка на вакцинација се постигне навреме, најавениот четврти бран за есен/зима ќе биде малку веројатен“, објави РКИ во понеделникот.

Комисијата за вакцинација досега не издаде општа препорака за вакцинирање на деца и млади над 12 години и нема одобрена вакцина за деца под 12 години.

Share
Scroll to Top