Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска во Брисел ќе одржат вонреден состанок на кој ќе биде побаран прекин на конфликтот меѓу израелската армија и палестинските милитанти.
Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, рече дека состанокот ќе биде можност да се „најдат начини на кои европскиот блок најдобро може да придонесе за смирување на тензиите, запирање на ескалацијата и ставање крај на насилството“.
ЕУ го оцени уништувањето на зградата во која се наоѓаа канцелариите на најголемите меѓународни медиумски куќи како многу загрижувачка, истакнувајќи дека безбедните услови за работа на новинарите се од клучна важност.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел и претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел повикаа во изминатите неколку дена да се запре ескалацијата на насилството и да се обезбеди најдобра можна заштита за цивилите.
Судирите избија минатата недела кога членовите на Хамас истрелаа ракети со долг дострел кон Ерусалим по повеќенеделните судири во градот меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција. Протестите беа насочени против иселувањето на палестинските семејства од населбите во Ерусалим.
Оттогаш, израелската армија започна стотици воздушни напади насочени кон инфраструктурата на Хамас. Палестинските милитанти истрелаа повеќе од 3.100 ракети кон Израел.
Според официјални лица од појасот Газа, во нападите биле убиени најмалку 198 Палестинци, од кои 58 деца и 35 жени, а 1.300 биле повредени. Осум лица во Израел беа убиени во ракетни напади од Газа, вклучително и петгодишно дете и војник.