Десетици илјади Бугари се собраа синоќа за да протестираат против малцинската влада во земјата и, како што велат, нејзиниот неуспех да се справи со корупцијата. Голем број западни медиуми, вклучувајќи ги „Вашингтон пост“ , „Ројтерс“ и „Ју-Ес њуз“, ги објавија масовните протести во земјата.
Протестите во главниот град Софија и десетици други градови се најновите во низата долготрајни демонстрации и доаѓаат во време кога Бугарија се подготвува да го усвои еврото на 1 јануари. Демонстрантите користеа ласери за да ги проектираат зборовите „Оставка“, „Мафијата надвор“ и „За фер избори“ врз зградата на парламентот во центарот на Софија.
„Мислам дека енергијата на луѓето постепено ќе ги принуди (владата) да поднесат оставка затоа што се потребни многу реформи“, рече Добри Лаков (64), жител на Софија.
„Прво на сите, судска реформа. Ако судскиот систем се поправи, сè друго ќе си дојде на свое место, апсолутно сè.“
Бугарскиот парламент во четврток ќе одржи гласање за недоверба на владата на премиерот Росен Жељазков , шесто такво гласање откако таа ја презеде функцијата на 15 јануари оваа година.
Минатата недела, владата го повлече својот буџет за 2026 година, првиот составен во евра, поради масовните протести. Опозициските партии и други групи изјавија дека протестираат против плановите за зголемување на придонесите за социјално осигурување и даноците на дивиденди за финансирање на повисоките државни трошоци.
И покрај повлекувањето на владата од буџетскиот план, протестите продолжуваат со полна сила во земјата која одржа седум национални избори во последните четири години – најновите во октомври 2024 година – во услови на длабоки политички и социјални поделби.
„Конечно е време Бугарија да се врати во нормалноста и да се ослободи од олигархијата, мафијата и силите што ги претставуваат“, рече Ангелин Бахчеванов, специјалист за информатичка технологија.
Бојко Борисов , поранешен премиер и лидер на владејачката партија ГЕРБ, изјави дека партнерите во владејачката коалиција се согласиле да не поднесуваат оставки пред Бугарија да се приклучи на еврозоната на 1 јануари. Сепак, Асен Василев од реформистичката опозициска партија „Продолжуваме со промената“, која беше меѓу организаторите на протестот во среда, рече: „Ќе влеземе во еврозоната дури и ако владата поднесе оставка“.
Фото: илустрација
Текстот Десетици илјади излегоа на улиците во Бугарија против корупцијата е превземен од МАКФАКС.






