Директорката на УНИЦЕФ: Наставниците треба да се приоритет за вакцинација против Ковид-19

пред 4 години

Пандемијата на Ковид-19 му нанесе огромна штета на детското образование во целиот свет. Вакцинацијата на наставниците е критичен чекор за полесно да се врати во колосек, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

„ Во најлошите денови, на крајот на април во 2020 година, со затворањето на сите училишта се наруши процесот на учење на безмалку 90 насто од учениците на светско ниво. Иако таа бројка оттогаш има опаднато, сѐ уште без никаква поткрепа се верува дека со затворање на училиштата може да се забави ширењето на болеста, и покрај сѐ поголемиот број докази дека училиштата не се главниот причинител за пренос во заедницата. Како последица на тоа, како што бројот на случаи драстично се зголемува во многу земји во светот, во заедниците повторно се затвораат училиштата. Од 1 декември, училиштата се затворени за речиси секој петти ученик на глобално ниво – или за 320 милиони деца“ вели Фор.

Таа нагласи дека УНИЦЕФ смета дека наставниците треба да се приоритет за вакцината за Ковид-19, откако ќе се вакцинираат здравствените работници што се во првите борбени редови и популациите што се во висок ризик. На овој начин, според неа, наставниците полесно ќе се заштитат од вирусот, ќе можат да предаваат во живо, и на крајот на краиштата училиштата ќе останат отворени.

„ Иако владите на крајот одлучуваат за распределбата на вакцините, последиците од продолжени периоди пропуштена или нарушена настава се тешки, особено за најмаргинализираните заедници. Што подолго се децата надвор од училиште, помалку е веројатно дека ќе се вратат, а со тоа е и потешко за нивните родители да се вратат на работа. Ова се тешки одлуки што подразбираат и големи отстапки. Но, не би требало да е тешко да одлучиме да преземеме сѐ што е во наша моќ за да ја заштитиме иднината на следната генерација. А, првиот чекор во оваа насока би бил да ги заштитиме лицата кои се одговорни да им ја овозможат таквата иднина“ додаде Фор.

Share
Scroll to Top