Одлуката на високиот претставник за БиХ, Валентин Инцко, да наметне закон со кој се казнува негирање на воени злосторства, како што се очекуваше, различно е оценета од политичарите во оваа земја, а членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик, најави дека таков закон нема да се спроведува во Република Српска и се закани со отцепување од БиХ.
Според законот за измени и дополнувања на Кривичниот законик на БиХ, кој ќе стапи на сила за осум дена, се предвидува затвор до пет години за секој што во иднина ќе негира воени злосторства, вклучително и геноцидот во Сребреница, односно нема да ги почитува пресудите изречени за сторителите или истите ги велича и наградува.
Меѓутоа, веднаш по објавувањето на изјавата на Инцко, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, свика прес-конференција во Бања Лука за луто да рече дека одлуките на високиот претставник во врска со наметнатиот закон нема да бидат признаени или спроведени во Република Српска и дека парламентот на ентитетот ќе предложи да се забранат активностите на Судот и Обвинителството на БиХ на територијата на РС.
Додик исто така порача дека е подготвен сè да подреди на бранење на итересите на Република Српска.
„Што ако прогласиме одлука за независност, тие не можат да ни направат ништо. Па што? Нема да има конфликт, ние само бараме политичка поддршка за одлуките што ќе ги донесеме“, нагласи тој.