Одлуката на Милорад Додик, лидер на владејачката партија во Република Српска (РС), да го назначи својот син, Игор Додик, за премиер, предизвика нови реакции во Босна и Херцеговина. Политичките противници го обвинија за „приватизирање“ на Република Српска, додека министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, го опиша однесувањето на Додик како „безобразно“.
Конаковиќ на Фејсбук истакна дека, додека постапките на Додик ги тераат децата на другите луѓе да ја напуштат Босна и Херцеговина, тој своето семејство го претворил во инструмент за владеење, и тоа го прави, како што вели, без трошка срам. Ова доаѓа по потегот на Саво Миниќ, кој е и кум на Милорад Додик, во неделата, да му го довери на Игор Додик мандатот за составување нова влада на ентитетот.
„Додик еднаш ми кажа како успеал да ја ’легитимира својата безобразност‘ на политичката сцена. Вчера, тој ја крена таа безобразност на уште повисоко ниво со пораката: ’Штом веќе ги бркам вашите деца од Босна и Херцеговина, тогаш нека им биде добро на моите деца‘“, напиша денеска Конаковиќ.
Тој заклучи дека „Игор и Милорад ќе отворат нови деловни можности за себе и за своите компании, додека трошоците, се разбира, ќе паднат на товар на буџетот на Република Српска – кој тие веќе во голема мера го испразниле“.
Драшко Станивуковиќ, градоначалникот на Бања Лука, чија партија, „Покрет Сигурна Српска“ (ПСС), стана водечка опозициска сила во парламентот по октомвриските избори, изјави дека со назначувањето на својот син за премиер на ентитетот, Додик ја претвора Република Српска во „семеен бизнис“.
„Компанија за внукот, палата (Кабинетот на претседателот на РС) за еден кум, универзитет за друг, а Владата за неговиот син, сè под будното око на дедото! Единствено што недостасува е натпис на влезот во зградата на Владата: ’Република Српска ДОО‘. Сопствениците се добро познати. Основачкиот капитал е наш“, напиша Станивуковиќ во објава на социјалните мрежи.
Игор Црнадак, пратеник во Народното собрание на РС од опозициската Партија на демократски прогрес (ПДП) и поранешен министер за надворешни работи на БиХ, истакна дека РС всушност е претворена во наследна монархија. Тој предупреди дека тоа отвора врата за институционализирана корупција која никој нема да може да ја контролира или запре.
„Корупцијата, нашиот најголем проблем, ќе добие уште поголем замав и уште поголема заштита од институциите што се окупирани од режимот на СНСД“, предупреди Црнадак.
За разлика од оние што се противат на политиките на Додик, неговите соработници и политички сојузници, по најавата на Миниќ за кандидатот за премиер, се натпреваруваат во упатување пофалби кон Игор Додик.
Претседателот на Парламентот, Ненад Стевандиќ, оцени дека тоа е позитивен чекор, бидејќи дошло време „на младите и образованите да им се даде шанса“.
Додик денеска го однесе својот син на средба со Јефрем, епископот бањалучки на Српската православна црква (СПЦ). Со објавувањето фотографии од средбата, тој испрати сигнал дека поставувањето на Игор за премиер ја има и поддршката од црковните кругови.
Текстот Додик го назначи својот син за премиер; Опозицијата реагира: Ова е семеен бизнис е превземен од МАКФАКС.






