Документарен филм од 2017 година фрла ново светло на приказната за потеклото на коронавирусот

пред 3 години

Институтот за вирусологија во Вухан, познат по своите истражувања на вирусите кај лилјаците, веќе долго време се наведува како можен извор за ширење на зараза. Но, кинеските власти ги отфрлаат таквите тврдења како „чиста шпекулација“ и велат дека во таа лабораторија важи високо ниво на безбедност.

Меѓутоа, документарен филм, кој на државната кинеска телевизија ЦЦТВ е веќе прикажан во 2017 година, покажува колку лежерно се однесуваат некои соработници во Институтот во работата со коронавирусите, пишува „Дојче веле“ и додава дека на тој филм потсетил и „Тајван њуз“ во пресрет на доаѓањето на експертите од СЗО.

Филмот прикажува група научници собрани околу Ши Џенгли, позната како „ Жената лилјак“ (Bat Women) во потрага по потеклото на САРС, и иако им беше јасно дека лилјаците што ги испитувале може да носат смртоносни вируси, некои научници за тоа не носете заштитна опрема за време на истражувањето во пештерата во Јунан.

Фатените лилјаци биле прегледани со голи раце, а без заштита им биле земени измет со раце, што е можен извор на инфекција.

Вирусологот Чуи Џиу дури рекол дека лилјак го каснал преку тенки гумени ракавици и тој во филмот покажува оток на местото каде е гризнат, додека глас од позадината вели дека лилјаците можат да пренесат бројни вируси, вклучително беснило, па затоа членовите на истражувачкиот тим се вакцинирани против беснило пред земањето мостри.

Филмот ненамерно покажува дека безбедносните мерки не се почитуваат правилно, не само за време на истражувањето во пештерата, туку и во лабораторијата, каде што лабораториските техничари не носат вистинска заштитна облека или маска за лице, пишува ДВ.

Како што изјавила Ши Џенгли, „оваа работа не е толку опасна како што мислат сите“, бидејќи постои многу мала веројатност за директна инфекција на луѓето.

Потоа таа објаснила дека нејзините соработници, кога знаат дека лилјаците носат вирус на одредено место што може да се прошири и на луѓето, преземаат поголеми мерки на претпазливост, но дека „во повеќето случаи се применува само обична заштита“.

Овој филм, се вели, отвора прашања на кои тимот на СЗО сигурно би сакал да најде одговори, бидејќи она што шокира е лежерниот однос кон безбедносните мерки.

Share
Scroll to Top