Драстични епидемиолошки мерки во Хонгконг, бебињата и децата ги врзуваат за кревет

пред 3 години

Здравствените власти во Хонгконг ги врзувааат за кревет бебиња и децата кои се изолирани, додека сè погласни се критиките заради психолошките последици од ваквите драстични мерки против коронавирусот.

Иако е еден од најгусто населените градови во светот, поранешната британска колонија генерално успеа да воспостави контрола над пандемијата.

Досега во Хонгконг се регистрирани 11.000 заразени со коронавирус и 200 смртни случаи, а тоа е постигнато со некои најдрастични мерки во светот. Секој што има позитивен тест на коронавирус, веднаш се испраќа во болничка изолација, без разлика дали имаат симптоми или не, а оние што се сметаат за „блиски контакти“ се испраќаат на двенеделен престој во карантинските кампови контролирани од владата.

Повеќето луѓе, откако влегоа на територијата на Хонгконг, треба да одат на тринеделен карантин во специјално назначени хотели на свој трошок.

На социјалните мрежи има сè повеќе критики за практиката на одделување на децата од нивните родители во оддели за изолација, така што мајките не можат повеќе да ги дојат бебињата, а децата ги врзуваат за креветот за да бидат на едно место.

Владата на Хонгконг постојано се обидуваше да ги оправда своите политики оваа недела, вклучително и практиката на врзување деца.

„Општо, болницата ќе ја разгледа само примената на физички ограничувања на педијатриски пациенти заради безбедноста и благосостојбата на пациентите“, соопшти администрацијата на болницата, додавајќи дека за тоа е потребно одобрување од родител или старател.

Додадено е дека на родителите кои имале негативен тест на коронавирус обично им е дозволено да бидат со заразените деца во единиците за изолација доколку има место.

Но, како што забележува „Франс прес“, тоа не е секогаш така. Постојат примери на самохрани родители кои не се на исто место со своите деца и можат да комуницираат со нив само по телефон.

Конзулатите на Швајцарија, Велика Британија и САД изразија загриженост во последните денови за психолошките последици од овие драстични мерки.

Share
Scroll to Top