Европската централна банка (ЕЦБ) денеска објави дека во јули ќе ги прекине стимулациите за економијата на еврозоната и ќе ги зголеми клучните каматни стапки за да ја ограничи инфлацијата, поттикната од растот на цените на енергенсите и храната, но и на другите стоки и услуги.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Банката кон крајот на март ја затвори кризната пандемиска програма за купување обврзници (PEPP), вредна 1,85 трилиони евра, а редовната програма (APP) требаше да биде затворена есенва, но распоредот го наруши војната во Украина.
Затоа ЕЦБ по денешната седница објави дека програмата што беше воведена по должничката криза за поддршка на економијата на еврозоната ќе згасне на 1 јули.
Инфлацијата во еврозоната достигна 8,1 отсто во мај, што е највисоко ниво откако Европската канцеларија за статистика почна да објавува податоци во 1997 година, поттикната од растот на цените на енергенсите и храната поради руската инвазија на Украина и западните санкции за Русија.
Во меѓувреме, инфлациските притисоци се интензивираа и се проширија, при што цените на многу стоки и услуги сега нагло се зголемуваат, соопшти ЕЦБ, зголемувајќи ја проценката за инфлацијата од 5,1 на 6,8 отсто во оваа година.
Зголемена е и прогнозата за инфлацијата за следната година, од 2,1 на 3,5 отсто. Во 2024 година, растот на цените треба да забави до 2,1 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од прогнозата на банката во март.
За да ја спречи инфлацијата, ЕЦБ денеска објави дека во јули ќе ги зголеми клучните каматни стапки во еврозоната за четвртина процентен поен. Во моментот, основната каматна стапка е нула отсто, а каматната стапка на депозитите минус 0,5 отсто.
Би можеле повторно да се зголемат во септември, додаваат од таму, можеби повеќе од четвртина процентен поен, доколку среднорочните прогнози за инфлацијата не се подобрат. Банката на тој начин ја заострува монетарната политика и покрај тоа што очекува послаб економски раст поради војната во Украина.