Израелските власти наредија затворање на плажите на израелскиот медитерански брег поради излевање нафта од една платформа.
Официјални лица го нарекоа инцидентот најголема еколошка катастрофа во која стотици тони нафта се излеале долж израелскиот брег, во должина од над 170 километри.
„Ројтерс“ пренесува дека активисти од еколошки организации објавиле дека е пронајден труп на кит кој водата го исфрлила на брегот во јужен Израел, наведувајќи дека е утврдено оти животното умрело од труење со нафта.
Волонтери денеска се пријавиле за да помогнат во расчистување на загаденото крајбрежје, а локалните медиуми објавија дека неколкумина од нив побарале медицинска помош поради интоксикација со отровни гасови.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посети една од загадените плажи и ја пофали работата на Министерството за заштита на животната средина.