Експертите на СЗО против употребата на лекот хидроксихлорокин

пред 3 години

Лекот хидроксихлорокин, за кој поранешниот американски претседател Доналд Трамп тврдеше дека ќе го промени текот на пандемијата, не треба да се користи за да се спречи инфекција со коронавирус и тој не влијае значително на пациентите кои се веќе заразени, предупреди денеска стручната комисија на Светската здравствена организација.

Експертската комисија на СЗО во британското медицинско списание БМJ изјави дека овa антиинфламаторно средство не треба да се користи во борбата против пандемијата и дека не вреди да се истражува во понатамошните студии за можните начини на лекување на Ковид-19, пренесува Ројтерс.

Експертите на СЗО забележуваат дека ова е нивна силна препорака, која се заснова на „многу безбедни докази“ од шест контролирани испитувања со повеќе од 6.000 луѓе, и за оние за кои се знае дека биле изложени на Ковид-19 и за оние кои не се.

Тие додадоа дека оваа дрога повеќе не е приоритет за истражување и дека ресурсите треба да се пренасочат кон евалуација на други лекови, кои ветуваат повеќе.

Трамп рече дека тој самиот користи хидроксихлорокин, дури и откако Американската администрација за храна и лекови објави дека неговата ефикасност и безбедност не се докажани.

Share
Scroll to Top