Емиратите разгледуваат строги мерки за ограничување на движењето на невакцинираните лица

пред 3 години

Властите во Обединетите Арапски Емирати предупредија денес дека можат да воведат ограничувања за луѓето кои не биле вакцинирани против Ковид-19.

Земјата со околу девет милиони жители, која ја прошири кампањата за вакцинација на лица на возраст од 16 години и постари, вакцинираше околу 65 проценти од населението, објави Националната агенција за управување со вонредни состојби на Емиратите (НЦЕМА), пренесува „Ројтерс“.

„Се разгледуваат строги мерки за ограничување на движењето на невакцинирани лица и за спроведување на превентивни мерки, како што е забрана за влез на одредени места и пристап до одредени услуги“, изјави портпаролот на НЦЕМА, Саиф Ал Дахери. „Вашето двоумење денес е пречка за нашите цели, и тоа е нешто што ги става во опасност вашето семејство, најблиски и заедницата.“

Емиратите вчера објавија 1.903 случаи на новозаболени лица, поради што вкупниот број на заболени се искачи на 500.860 случаи, а регистрирани се и 1.559 смртни случаи.

ОАЕ, каде што се задолжителни мерките за социјално дистанцирање и носењето маски на јавно место, е меѓу земјите со најбрзи програми за вакцинација против Ковид-19.

Властите во Абу Даби најавија дека сега покрај кинеската вакцина на „Синофарм“ ќе понудат и вакцина на „Фајзер-Бионтек“. Емиратот Дубаи веќе ја понуди вакцината на „Фајзер“, како и вакцината на „Астра зенека“.

 

Share
Scroll to Top