Ердоган го повика Бајден да ги поттикне американско-турските односи

пред 3 години

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го повика новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, да ги поттикне турско-американските односи, пренесува „Анадолија“.

„ Веруваме дека новиот претседател на САД, Џо Бајден, ќе им посвети должно внимание на турско-американските односи. Немаме предрасуди, непријателство или анимозитет кон никого. До ден денес, со трчање се приближувавме до оние што правеа само еден чекор кон нас. Ние ја одржуваме истата искреност и оптимизам “, порача Ердоган во обраќањето пред парламентарната група на Партијата за правда и развој.

Ердоган додаде дека Турција ќе продолжи да работи за мир, правда и за просперитет во регионот. Тој, исто така, рече дека Турција се надева дека ќе отвори ново поглавје во односите со ЕУ и САД во новата година.

„ Ние не гледаме на нашите разновидни политички, економски и воени врски како алтернатива за нашите добровоспоставени односи со САД. Исто така, се надеваме дека ЕУ ќе се ослободи од своето стратешко слепило што ја оддалечува Турција од Унијата“, нагласи Ердоган.

На 14 декември, САД воведоа санкции за Турција поради нејзиното купување на рускиот систем за ракетна одбрана С-400. Американските официјални лица се противеа на договорот, тврдејќи дека системите С-400 би биле некомпатибилни со системите на НАТО и би ги изложиле воените авиони Ф-35 на можна руска саботажа.

Турција нагласи дека системот С-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и не претставува закана за Алијансата или за нејзиното вооружување. Турските власти повеќепати предлагаа создавање работна група за испитување на проблемот со техничката компатибилност на системите.

Share
Scroll to Top