Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја повика Европската унија да отвори пристапни преговори со Анкара, еден ден пред европскиот самит во Брисел за руската инвазија на Украина.
„ Очекуваме ЕУ брзо да ги отвори поглавјата од пристапните преговори и да ги започне преговорите за царинската унија, без бесрамни калкулации“, рече Ердоган по средбата со холандскиот премиер Марк Руте во Анкара.
Изјавите на турскиот претседател доаѓаат во време кога војната во Украина и овозможи на Анкара да се врати на меѓународната сцена благодарение на нејзините посреднички напори. Преговорите за можното членство на Турција во ЕУ, кои започнаа во 2005 година, беа во застој во последниве години поради зголемените тензии со Брисел за голем број прашања.
Така, на крајот на 2020 година, Европската комисија оцени дека изгледите на Анкара за членство се „во застој“ бидејќи нејзините лидери донеле одлуки спротивни на интересите на ЕУ.
„ Турција продолжи да се дистанцира од ЕУ, со сериозно назадување во областа на владеењето на правото и основните права“, изрази жалење Комисијата во жестокиот извештај.