НАТО ќе започне напади длабоко во Русија ако Москва се осмели да ги нападне балтичките земји, предупреди естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна, отфрлајќи ги стравувањата дека Москва би можела брзо да добие територија на исток.
Во интервју за британскиот Телеграф на маргините на Минхенската безбедносна конференција, тој рече дека балтичките земји Естонија, Латвија и Литванија ќе „ги одбијат сите напаѓачи“ и дека ќе следи разорен контранапад на руска територија.
„Ќе донесеме војна во Русија и ќе имаме длабоки напади многу длабоко во Русија. Знаеме точно што да правиме. Затоа сега ги забрзуваме нашите инвестиции и ги развиваме нашите капацитети, затоа инвестираме 5 проценти од БДП во одбрана во нашиот регион“, рече естонскиот министер.
Цахна ги отфрли загриженостите во одбранбените кругови дека рускиот претседател Владимир Путин планира да нападне и делумно да окупира една балтичка земја по завршувањето на војната во Украина.
Сепак, Цахна истакнува дека ваквите сценарија се застарени, бидејќи балтичките држави значително ги зголемија своите инвестиции во одбраната и сега се целосно способни да ѝ се спротивстават на Русија.
„Претходните планови само велеа: „Ако дојде Русија, НАТО на крајот ќе ја добие војната“. Во тој случај, нема да останат Естонци. Значи, не сме заинтересирани за вакви планови. Ова е нашиот план, бидејќи нема друг. Не можеме да дозволиме Русија да влезе во балтичките држави и дури потоа да се бори“, додаде тој.
Симулацијата за Литванија, која ја организираше германскиот весник „Ди Велт“, предизвика голема контроверзност, бидејќи во неа Русија се појави како јасен победник, додека НАТО беше парализиран од неодлучност, потсетува британскиот весник.
За време на симулацијата, САД одбија да го активираат Член 5 од Договорот за колективна одбрана на НАТО, плашејќи се дека тоа би можело да започне Трета светска војна. Германија не успеа да им се спротивстави на руските трупи што ја нападнаа Литванија, и покрај тоа што имаше бригада стационирана во таа земја.
Симулацијата предвиде дека Русија ќе ја оправда својата инвазија со „хуманитарна криза“, слично како што тврдеше дека инвазијата на Украина е започната во име на заштита на малцинствата што зборуваат руски јазик.
За време на симулацијата, руските трупи го окупираа литванскиот град Маријамполе пред да ја преземат контролата врз стратешки важниот превој Сувалки.
Исходот од оваа воена игра го разбесни лидерот на балтичките земји бидејќи беше сугерирано дека тие нема да можат да се спротивстават на инвазијата.
Текстот Естонскиот министер за надворешни работи: „НАТО ќе ја нападне Русија ако Путин ги нападне Балтичките земји“ е превземен од МАКФАКС.






