Европската комисија усвои правило за задолжително одобрение за извоз на вакцини против Ковид-19, за оние кои се произведуваат на територијата на ЕУ и кои се однапред договорени.
Комисијата наведува дека земјите од соседството на ЕУ и оние опфатени со механизмот КОВАКС ќе бидат изземени од таа мерка.
„ЕУ целосно ќе ги почитува своите хуманитарни обврски и ќе обезбеди вакцини ветени на други земји“, наведе Комисијата.
Потпретседателот на ЕК, Валдис Домбровскис, рече дека мерката за авторизација на извоз е донесена по итна постапка, а целта е веднаш да се обезбеди целосна транспарентност во врска со производството на вакцини и нивната испорака, но и да се обезбеди испорака на нарачани вакцини од страна на ЕУ.
„Вакцините се клучни за закрепнување на економијата и завршување на пандемијата. Испораката до нашите граѓани е најважната задача во моментот. Сакаме да обезбедиме да се испчитуваат сите договори за однапред порачани вакцини“, нагласи Домбровскис.
ЕК наведува дека оваа мерка е ограничена до крајот на март и дека се однесува исклучиво на вакцините против Ковид-19 договорени во потпишаните договори за набавка.