Израелските воздушни напади врз лидерите на Хамас во Доха се кршење на меѓународното право и територијалниот интегритет на Катар, соопшти вчера вечер Европската Унија, предупредувајќи на ризиците од понатамошна ескалација на насилството во регионот.
„Изразуваме целосна солидарност со властите и народот на Катар, стратешки партнер на Европската Унија“, изјави портпаролот на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на Икс.
„Секоја ескалација на војната во Газа мора да се избегне – тоа не е во ничиј интерес. Ќе продолжиме да ги поддржуваме сите напори што водат до прекин на огнот во Газа.“
Катар, кој дејствуваше како посредник заедно со Египет во разговорите за посредување за прекин на огнот во речиси двегодишната војна во Газа, го осуди нападот како „кукавички“ и го нарече флагрантно кршење на меѓународното право.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот во Доха бил „целосно оправдан“ и дека бил нареден по нападот во Ерусалим во понеделникот и загинувањето на четворица израелски војници во Газа.
фото: принтскрин
Текстот ЕУ го осуди израелскиот напад врз Катар е превземен од МАКФАКС.