ЕУ му додели признание на Навални, наградата ја подигна неговата ќерка

пред 4 години

Дарија Навалнaja, ќерката на затворениот руски опозициски лидер, Алексеј Навални, доби аплауз од пратениците во Европскиот парламент кога денеска во име на нејзиниот татко ја прими главната награда на ЕУ за човекови права.

Европскиот парламент во октомври го прогласи Навални (45) за добитник на овогодинешната награда „Сахаров“ за слобода на мислата, потсетува агенцијата АП.

Ќерката на Навални покажа врамена слика од нејзиниот татко додека држеше говор пред пратениците на ЕУ, наведувајќи дека му пишала на татка си за да го праша каква порака сака да пренесе.

Тој одговори: „Кажете дека никој не смее да се осмели да ја поистоветува Русија со режимот на Путин. Русија е дел од Европа и ние настојуваме да станеме дел од неа“, рече Дарија, родена во 2001 година.

„Но, ние исто така сакаме Европа да се посвети на себе. Се стремиме кон Европа на идеи, каде човековите права, демократијата и интегритетот се на пиедестал. Не сакаме Европа на канцелари и министри кои сонуваат да бидат вработени во управните одбори на државните компании под Путин или да пловат со јахтите на олигарсите“, додаде таа.

Претседателот на Европскиот парламент, Италијанецот Давид Сасоли, го нарече Навални политички затвореник и го повтори повикот на ЕП лидерот на руската опозиција веднаш и безусловно да биде ослободен.

Наградата на ЕУ, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров се доделува на поединци или групи кои ги бранат човековите права и основните слободи на граѓаните.

Share
Scroll to Top