Европската Унија очекува официјален Белград да ги почитува одлуките за воведување санкции кон Русија поради војната во Украина. Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го изјави портпаролката на Европската комисија задолжена за проширување, Ана Писонеро.
„Од земјите-кандидатки, како што е Србија, се очекува да се усогласат со одлуката и ставот на ЕУ за надворешната политика и безбедносните прашања“, изјави Писонеро за РСЕ.
Таа потсети на изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел дека ЕУ мора да погледне што се случува со ставовите на балканските земји, земјите-кандидати, за усогласување со надворешната политика на Унијата.
ЕУ на 22 февруари почна да воведува санкции кон Русија во три пакети, а уште тогаш порача дека се очекува Србија да се усогласи со надворешната политика на ЕУ. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по седницата на Советот за национална безбедност и седницата на Владата изјави дека Србија смета дека е многу погрешно да се нарушува територијалниот интегритет на која било земја, вклучително и Украина, но дека нема да наметнува санкции кон Русија.