ЕУ стравува: шокот поради војната може да се претвори во фискална криза

ЕУ стравува: шокот поради војната може да се претвори во фискална криза

пред 2 часа

Функционерите на Европската унија ги повикуваат владите на земјите-членки да избегнуваат прекумерна потрошувачка за да го ублажат порастот на цените на енергијата и предупредуваат дека шокот предизвикан од војната на Блискиот Исток може да се претвори во фискална криза.

Европската комисија инсистира во разговорите со членовите предложените субвенции за извори на енергија, намалување на даноците и ограничувања на цените да бидат временски ограничени и строго насочени, според анонимни информирани извори за „Фајненшл тајмс“ (FT).

Според изворите, Европската унија сака да го избегне сценариото од 2022 година, кога енергетската криза по почетокот на војната во Украина го стимулираше растот на инфлацијата и доведе до огромни буџетски дефицити.
Еврокомесарот за енергетика, Дан Јоргенсен, изјави дека постои ризик сегашната енергетска криза да се прошири на остатокот од економијата и ја нагласи потребата од координиран пристап од страна на членовите на ЕУ.

Според Јоргенсен, Комисијата им обезбедува техничка поддршка на земјите-членки за да останат мерките во рамките на расположливиот фискален простор.

Податоците покажуваат дека односот на јавниот долг кон БДП во Европската Унија се зголемил од 77,8 проценти на крајот на 2019 година на 82,1 процент во третиот квартал од минатата година, што дополнително ги ограничува можностите за нови фискални интервенции.

Американскиот и израелскиот напад врз Иран доведоа до скок на цените на нафтата и гасот во Европа за околу 60 проценти, што предизвика страв од недостиг на дизел и авионско гориво.

Некои земји, вклучувајќи ги Италија, Полска и Шпанија, веќе ги намалија даноците на гориво, додека други бараат пофлексибилни правила за државна помош.

Во исто време, Италија се залага за ублажување на фискалните ограничувања за да имаат државите повеќе простор да реагираат.

Министрите за финансии на неколку земји предложија воведување данок на дополнителната добивка на енергетските компании на ниво на ЕУ, со цел да се олесни товарот врз економијата и граѓаните.

И покрај предизвиците, Европската Унија повикува на претпазливост при трошењето, а некои функционери предупредуваат дека Унијата би можела да се соочи со третата голема економска криза во последните шест години, по пандемијата на коронавирусот и почетокот на војната во Украина, кои веќе значително го зголемија јавниот долг.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, оцени дека целните мерки можат да ги ублажат последиците од зголемувањето на цените на енергијата, но предупреди дека широките и долгорочните интервенции можат дополнително да ја стимулираат инфлацијата.

Слична порака испрати и европскиот комесар за економија, Валдис Домбровскис, кој предупреди дека прекумерната потрошувачка може да има сериозни последици за буџетите на европските земји, пренесува Танјуг.

Текстот ЕУ стравува: шокот поради војната може да се претвори во фискална криза е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top