Врз основа на построги мерки за влез во земјата, 1.415 лица се вратени од границата, изјави министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер.
Нехамер во изјавата посочи дека од саботата полицијата во соработка со армијата го контролира влезот на сите патници на границите на земјата. Така, во текот на саботата биле контролирани 57.351 лице, 11,5 проценти повеќе од претходниот ден.
„Граничните контроли се една од многуте мерки во борбата против пандемијата“, нагласи Нехамер.
Тој посочи дека во саботата, врз основа на указот за построги мерки за влез во земјата, биле вратени 1.415 лица, а за споредба, пред стапувањето во сила на новиот декрет врз основа на ковид-мерките, биле вратени „само“ 14 лица.
Според новите мерки, секој што влегува во Австрија мора да биде ставен во десетдневен карантин, со можност да го прекине со тестирање на свој трошок, но само по петдневна изолација. Пред влегувањето во сила на новата уредба, влегувањето во земјата без карантин беше можно со негативен ПЦР-тест, а оние што го немаа мораше да бидат ставени во карантин.
Во петокот, полицијата на границите презеде над 250 пополнети обрасци за мерки за карантин, а во саботата имаше 1.355, што е зголемување за 440 проценти. За да има доволно полицајци на премините за божикните празници, како што најави, дополнителни 218 полицајци, кои штотуку ја завршиле обуката, биле префрлени во граничната служба.
на располагање е и полициската единица за странци „Пума“, а во случај на дополнителна потреба, општинските сили ќе бидат пренасочени.