Тензиите на Западен Балкан се зголемени , вклучително и во БиХ и Косово, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој по средбата на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига кажал дека се разговарало за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, пренесуваат регионалните медиуми.
„Регионот измина долг пат од војната во 1990-тите. Сепак, неодамна видовме зголемени тензии, вклучително и во Косово и во БиХ“, изјавил Столтенберг.
Нагласил дека е забележана поагресивна реторика и застој во реформите.
Генералниот секретар на НАТО, според написите на медиумите во регионот, истакнал дека странските актери работат на поткопување на напредокот во регионот.
„НАТО ќе продолжи да ја промовира стабилноста, безбедноста и соработката во регионот. Се согласивме за важноста на нашето присуство, вклучително и мисијата КФОР на Косово, како и нашите мисии во Сараево и Белград“, кажал Столтенберг.