Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, на Фејсбук објави дека тајните служби го фатиле најдобриот пријател на Путин во Украина, Виктор Медведчук.
„Беше во бегство“, напишал новинарот Оливер Керол.
Во следниот твит тој има наведено дека Медведчук е многу контроверзна личност во Украина.
„Порошенко го искористи за да стигне до Путин. Зеленски го стави во домашен притвор“, напиша тој.
Виктор Медведчук, кој го предводи политичкиот совет на украинската партија „Опозициска платформа за живот“, претходно беше во домашен притвор. Во февруари 2022 година, според Министерството за внатрешни работи на Украина, Медведчук избегал од домашен притвор.
Медиумите потсетуваат дека украинските власти го сомничат за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Инаку, Медведчук е еден од најбогатите луѓе во Украина, а „Форбс“ неговото богатство го проценува на 620 милиони долари.
Рускиот претседател Владимир Путин е кум на неговата најмлада ќерка Дарја.