Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, повторно понуди директни разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин.
„Дипломатијата ќе започне кога ќе седнеме на преговарачка маса“, им рече Зеленски на новинарите во Киев.
Тој изјави дека е подготвен за разговори во секој формат.
Зеленски напомена дека е подготвен за директни разговори две и пол години и дека тоа ќе се случи штом Русија јавно ќе каже дека и таа е подготвена за тоа.
Претседателот на Украина посочи дека Русија освен јавната позиција, во реалноста не е подготвена за разговори со Киев.
„Верувајте, секогаш кога ќе ги земеме предвид тие изјави во медиумите, на еден или друг начин бараме од Русија таа средба да се одржи во кој било формат“, нагласи Зеленски.
Тој претходно изјави дека не ја исклучува можноста за средба со Путин и нагласи дека ако тоа значи да се зборува за Донбас, тогаш Киев прво треба да разговара со властите на самопрогласените републики во источна Украина.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е подготвена за посетата на Зеленски за да разговара за нормализација на односите, но дека е неопходно Зеленски да стапи со Контакт групата за изнаоѓање решенија во Украина доколку има намера да разговара за прашањата за Донбас, потсетуваат руските агенции.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Киев во неколку наврати понудил средба меѓу Зеленски и Путин, но дека тоа нема смисла, бидејќи прашањето за Донбас треба да се разговара со жителите на тој дел на Украина, пренесуваат медиумите.