Зеленски: Руската агресија е насочена кон цела Европа

пред 3 години

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руската агресија никогаш не била ограничена само на Украина и дека таа е насочена кон цела Европа и уште еднаш го повика Западот да воведе целосно ембарго на руските енергетски извори и да и достави на Украина повеќе оружје.

Во говорот доцна навечер во саботата, Зеленски рече дека употребата на сила од Русија е катастрофа што неизбежно ќе ги погоди сите.

„Руските намери за агресија не се ограничени само на Украина. Целиот европски проект е цел на Русија“, рече украинскиот претседател, кого во саботата во Киев го посети британскиот премиер Борис Џонсон.

Зеленски рече дека Русија сè уште може да си дозволи да живее во илузии и да донесе нови воени сили и нова опрема во Украина. „Тоа значи дека ни требаат уште повеќе санкции и уште повеќе оружје за нашата земја“, апелираше тој.

По повлекувањето од Киев, руските сили се акумулираат на истокот од земјата, а Зеленски изјави дека Украина е подготвена за тешка битка со агресорот.

„Ова ќе биде тешка битка, но ние веруваме во оваа борба и во нашата победа. Подготвени сме да се бориме во исто време и да бараме дипломатски начини кои ќе овозможат крај на оваа војна“, рече Зеленски.

Во саботата, британскиот премиер Џонсон вети дека ќе испрати дополнителна воена опрема и финансиска поддршка за Украина.

Џонсон рече дека целта на поддршката на Украина е да се осигура дека земјата никогаш повеќе нема да може да биде вознемирувана, уценувана и загрозена на овој начин.

Share
Scroll to Top